Бизнис
4. December 2020 - 21:22

Дали бизнис релациите Софија-Скопје ќе трпат штета поради бугарското вето

Бизнисот нема да дозволи политичкиот спор негативно да се одрази на трговската размена и инвестициите на компаниите од Македонија и Бугарија. Сметаат дека сегашните политички турбуленции не може да го срушат тоа што бизнисот го изградил во последните децении.
Сепак, очекуваат сите отворени прашања да се решат во најскоро време.

“Се надевам дека воопшто нема да дозволиме ние, како бизнис заедници, од двете страни да се наметне некакво ембарго на капиталот и добрите односи, кои што ги имаме веќе, од страна на маргинални поединци во политиката, кои доаѓаат и си заминуваат.
Сметам дека нема да се случи ништо, ќе надвладее разумот и за многу кратко време со присуство на капиталот од двете држави ќе се најде разумно решение и од овие политички естаблишмени”, вели Зоре Темелковски, почесен претседател на Македонско-бугарската стопанска комора.

Стопанствениците од Македонија и Бугарија подолго време апелираат за подобро инфраструктурно поврзување меѓу двете соседни држави за да се олесни работата и да се намалат нивните трошоци. Велат, средби и интерес има, но сметаат дека во пракса властите не сториле доволно за олеснување на условите за работа на бизнисот.

“Треба политичкиот естаблишмент од нашата земја и Бугарија, и до сега заедно со нас, бизнисот, сме ги правеле големите средби, сме потпишувале големи капитални проекти, да продолжат да ги поткрепуваат во тој правец. Тоа значи брзиот пат да го стават во приоритет во нашиот буџет, бидејќи железницата во Бугарија сè уште е во проектна фаза”, вели Зоре Темелковски, почесен претседател на Македонско-бугарската стопанска комора. 

Стопанствениците сметаат дека политиката треба да биде настрана од бизнисот. Работа на властите е континуирано да ги подобруваат условите за работа, да ги слушаат барањата на компаниите, но и да ги реализираат клучните капитални проекти.