Македонија
31. March 2020 - 16:53

Цвеќарите пред банкрот, бараат помош од државата

Производителите на сезонско и режано цвеќе погодени од мерките против ширење на коронавирусот, бараат помош од државата. Продажбата во време на вонредната состојба им е целосно запрена и веќе ги бројат загубите, бидејќи се работи за готови свежи производи кои за кратко време пропаѓаат.

Првично се предлагаат три мерки : формирање на комисии кои ќе излезат на терен да ја увидат фактичката состојба, обесштетување на настанатата штета, даночни олеснувања и финансиска помош по вработен.

- „Приморани сме нашето сезонско цвеќе да го уништиме, да го фрлиме. Нашата гранка спаѓа во интензивно земјоделско производство, што подразбира големи трошоци и расходи по единица површина (скапи репроматеријали, греење, ѓубрење/заштитни средства, работна сила). Веќе ги трпиме првите штети, а развојот на ситуацијата е крајно неповолен и неминовно води кон зголемување на загубите во сѐ поголем обем. Имаме вработено и стручни лица, обучени работници, кои поради состојбата не ќе можеме да ги задржиме“,

И на овој сектор се заканува отпуштања на вработени поради економски колапс, затоа бараат од министерот за земјоделство итна средба, а Владата да ги стави на листата компании кои се длабоко погодени од кризата со коронавирусот. Производителите на цвеќе напоменуваат дека се работи за гранка со големи инвестиции и скапи репро материјали увезени од земјите на ЕУ.