Македонија
27. May 2022 - 19:42

Црвенковски: Договорот со Бугарија наместо помош, направи поголеми проблеми

Договорот со Бугарија ги отвори прашањата кои задираат во нашиот идентитет и затоа компромис не е можен. Поранешниот претседател Бранко Црвенковски не е оптимист за решавање на спорот. На дебата организирана од Советот на амбасадори, каде што беше главен говорник, посочи дека на таков став го наведуваат официјалните бугарски позиции, кои не оставаат простор за решение меѓу двете земји.

Преаспанскиот договор беше избор на помало зло, но тој барем затвори големо прашање. За разлика од Ддоговорот од 2017, кој беше грешка и ја отвори Пандорината кутија, смета Црвенковски. 

За Црвенковски постои само едно решение за спорот со Бугарија, а тоа е двете земји да си го задржат правото на сопствено толкување на историјата. Бидејќи тоа тешко ќе се случи, македонската јавност треба да биде подготвена и известена дека блокадата ќе трае долго, а за тоа време треба да се фокусираме на домашните реформи и прогрес, вели Црвенковски.

Говорејќи за домашната дипломатија, истакна дека се однесуваме како почетокот на преговорите да е наша крајна цел, а не само една етапа од долгиот пат. Остра критика поранешниот претседател и премиер упати и до водењето на дипломатската мрежа.

За ситуацијата да биде уште покатастрофална, дополнува Црвенковски, Македонија нема свои амбасадори во големи или клучни земји подолг период, како Кина, Анкара, Брисел, Тел Авив Белград или Бразилија.

Пред поранешните амбасадори и дипломати тој предупреди дека штетата од ваквите постапки по угледот на Македонија е огромна, обвинувајќи ја во исто време и власта и опозицијата за неодговорност и недостаток на политичка волја.

Црвенковски позитивно се осврна на претстојниот стратешки дијалог со САД. Тајмингот воопшто не е случаен, оцени, посочувајќи дека тоа е јасен сигнал дека во вакви критични моменти најмоќната држава стои зад стабилноста и безбедноста на Македонија.