Македонија
11. July 2020 - 17:07

Чулев најавува строги казни за прекршувања на изборниот процес

Сите прекршители на изборниот процес ќе бидат најстрого санкционирани. Ова го порача министерот за внатрешни работи Наќе Чулев . Најави дека се преземени сите мерки и активности за превенција на евентуални изборни нерегуларности. Чулев апелираше до полициските службеници да не подлегнуваат на било какви политички, односно партиски или пак притисоци од бизнис структури и нивните задолженија да си ги извршуваат согласно чесноста и професионализмот. Истото им го порача и на граѓаните, слободно да излезат и да гласаат според нивната волја и убедување.

,,Да не подлегнуваат на притисоците на локалните криминални структури.Истовремено да не подлегнуваат на притисоци на бизнис структурите, да не подлегнуваат евентуално на притисоци од полициски службеници, кои ќе бидат инволвирани во изборни нерегуларности. Избирачкото право да да си го остварат согласно нивните симпатии спрема одредена политичка опција, за која што сметат дека најмногу би ги задоволила нивните барања.,, рече Наќе Чулев - Министер за внатрешни работи.

Министерот Чулев потенцираше дека секој што ќе биде инволвиран во кривично дело поврзано со изборни нерегуларности се соочува со казна затвор до 10 години. Затоа апелираше и до граѓаните но и полициските службеници доколку се најдат во ситуација некој да им врши притисок уцена или закана  за гласање или пак им биде понуден поткуп веднаш да го пријават до МВР со цел најстрого санкционирање.