Македонија
19. August 2022 - 16:39

Бугарската влада одобри 400.000 евра за здруженијата на бугарите во соседството

Бугарија будно следи зошто македонското Обвинителство ја чешла регистрацијата на бугарските клубови. Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вели дека ќе чекаат објаснување и одговори од македонските институции откако под лупа не е само последното здружение во Охрид, туку и битолското „Ванчо Михајлов“. Милков очекувал национален консензус во Македонија во однос на преговорите со Бугарија.

Изјава Николај Милков – технички министер за надворешни работи на Бугарија

Обвинителство пак ја чека документацијата од Централен регистар, откако пред три дена по допрен глас беше оформен предмет за да ги испита наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ – Охрид.

Нема никакво поместување во постапката ниту по предметот на ОЈО Битола откако беше оформен случај по поднесената кривична пријава за регистрацијата и функционирањето на Културниот центар „ Ванчо Михајлов“. Од Обвинителство велат дека дел од доказите се пристигнати но дел се чекаат , без да прецизираат која институција се уште не одговорила на барањата на јавниот обвинител.

Додека во Македонија никнуваат бугарски здруженија со имиња на спорни историски личности од фашистичкото минато на Бугарија, бугарската влада ја одобри помошта за бугарските заедници. Веста ја сподели заменик министерот за надворешни работи без да ја прецизира целосната сума пари.

Изјава Костадин Коџабашев - заменик министер за надворешни работи на Бугарија

Сепак претходно веќе се споделуваше информацијата дека Комитетот за политики за Бугарите во странство годинава повторно ја зголемува финансиската помош и сега биле одобрени 400.000 евра за поддршка на организациите на бугарските заедници во Албанија, Србија, Косово, Молдавија и граѓаните на Македонија со бугарски идентитет. Ако во 2020-та биле одвоени дури 250.000 евра, за 2021 година биле поддржани 40 проекти, а сумата е зголемена на 300.000 евра.