Бизнис
20. May 2016 - 19:43

Богов: Повлекувањето на депозитите од банките речиси целосно запре, состојбата стабилизирана

Народната банка би можела повторно да ја намали основната камата. Ова во интервју за Ројтерс со најавува гувернерот Богов. Тој вели дека намалувањето може да се случи ако политичката криза наскоро биде решена и ако веќе нема шпекулативни напади врз стабилноста на денарот.

Пред околу еден месец НБРМ донесе одлука за зголемување на референтната камата за 0,75% за да го стабилизира пазарот. Заради шпекулациите кои тогаш се појавија во јавноста дека денарот ќе девалвира граѓаните ги повлекуваа денарските заштеди од банките. Беа повлечени над 58 милиони евра или 1,8% од вкупните депозити на населението, што е прв случај на пад на штедните влогови после неколку години на континуиран раст.

„Во изминатите две недели гледаме стабилизација на ситуацијата, а повлекувањето на депозитите речиси запре. Има показатели дека граѓаните ги враќаат депозитите во банките, поради што сметаме дека најлошото е завршено“, вели Богов за Ројтерс.

Како реакција на мерката на НБРМ банкарите веќе почаа да ги зголемуваат каматите за штедењето.

Гувернерот Богов вели дека зголемените камати за депозитите се знак дека потребниот сигнал е пратен и нема потреба од дополнителни мерки. НБРМ будно ќе ја следи состојбата и ќе употреби мерки за зачувување на макроеконоската стабилност, истакнува Богов за Ројтерс.