Македонија
21. April 2021 - 16:45

Богдановиќ снимен во ресторан за време на полициски час, тврди дека бил гостин во хотел

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, бил снимен како седи во ресторан за време на полициски час. На видеото кое беше објавено синоќа, се гледа дека тој е во друштво на уште две лица.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, таквото однесување на Богдановиќ го смета за брутално газење на законите. Бараат да си поднесе оставка.

„Саша Богдановиќ, доколку имаше малку кредибилитет, оставка требаше да дадеш уште вчера, но и сега не е доцна. Додека ти вчера кршеше полицисика час и кафеана работеше само за тебе, триесетина луѓе починаа од КОВИД-19“, изјави Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ.

Богдановиќ негира дека прекршувал закони. Бил во ресторан на Хотел каде се сместувал играч на кошаркарскиот клуб Работнички, а и самиот тој бил пријавен за гостин.

„Во тој момент бев со гости од Белград и со еден странец кој дојде како ново засилување на КК Работнички, уредно, со пријавен престој. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе покренува одредени постапки, тоа е легитимно право но морам да кажам дека и во минатото  сме имале такви случаи. Доколку не докажат дека такво нешто се случило, во рок од 24 ќаса ќе барам извинување од денот кога била одржана прес конференцијата, а ако покренат друг процес ќе покренам кривична пријава за лажно пријавуање“, изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

За опозициската партија таквото оправдување не било основано бидејќи кошаркарот во Скопје бил дојден пред неколку денови, а во саботата имал и настап.

По објавување на видеото, постапил и државниот пазарен инспекторат од каде за Сител велат дека Богдановиќ бил уредно пријавен како гостин во хотелот и нема да преземат мерки.