Македонија
12. May 2021 - 14:10

Бочварски: Започнуваме со реконструкција на околу 450 километри локални улици во сите општини

Активности за реконструкција на локални улици во општините стартуваат од денеска во рамки на проект вреден 70 милиони евра. Во прва фаза реконструираме 27 улици во 17 општини за што инвестираме преку четири милиони евра, информира министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета во општина Богданци.

Вкупната вредност на целиот проект што се реализира преку Министерството за транспорт и врски е 70 милиони евра, а се планира да се реконструират околу 450 километри локални улици и патишта во сите општини.

-Подобрување на урбаното живеење, олеснување на животот на граѓаните и економскиот развој на државата се врвни приоритети што континуирано ги реализира оваа Влада. Денеска сме присутни во општина Богданци уште еднаш тоа да го потврдиме. Од тука стартуваме со проектот „Поврзување на општините со локални патишта“. Планираме да реконструираме околу 450 километри локални улици и патишта во сите општини. Во текот на оваа година сите овие улици во Богданци очекуваме да бидат целосно реконстурирани, со што општината ќе добие нов урбан лик, а граѓаните подобри услови за живот и безбеден сообраќај, рече Бочварски при увидот во изгрaдбата на улицата „Ѓуров дол“, како дел од пакетот улици што се реконструираат во општината.

Општина Богданци, дополни, се наоѓа на стратешко место и сметаме дека со овој проект, не само што ќе го подобриме урбаното живеење, создаваме услови за економски развој на општината и привлекување на нови инвестиции.

Градоначалникот Блаже Шопов информираше дека на општина Богданци и беа доделени 600 илјади евра и оти во првата фаза се реконструираат шест улици, а во втората фаза уште една улица.

-Ние ја реализираме и Програма на општината од сопствени средства каде планираме реконструкција на уште дваесет и една улица со што очекувам големо подобрување на патната инфраструктутра а со тоа и условите за живот на граѓаните, изјави Шопов.

Како што информира Бочварски во одговор на новинарско прашање, инфраструктураниот проект за Обиколницата е во завршна фаза и набрзо Јавното претпријатие за државни патишта ќе распише повик за изведувач.