Македонија
18. May 2021 - 16:48

Бочварски признава дека Законот за легализација на дивоградбите не е идеален, Владата ќе бара решение

Законот за легализација на дивоградби не е идеален, но се бараат предлози како да се подобри, вели министерот за транспорт и врски. Граѓаните ги гласале за да ги решаваат нивните проблеми и според него, суштината на овој закон е да им помогне на тие кои до сега не можеле да ги легализираат објектите каде живеат. Според проценките се работи за околу 50.000 објекти.

“Уставната можност што ја искористи претседателот да не го потпише законот за легализација на дивоградби е уште една шанса заедно да издискутираме со јавноста, пратениците, експертите,.. да најдеме решение со цел да им помогнеме на граѓаните. Како Влада бараме предлози како да го подобриме ова законско решение. Законот секако дека не е идеален, има и слабости, има и добри страни со коишто ќе помогнеме, но ние сме овде и мораме да бараме решенија”, вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Архитектите се против нова можност за легализација на дивоградби, бидејќи се дава погрешен сигнал дека бесправното градење нема да се казнува. Сметаат дека законот нема да реши ниту еден проблем, туку само ќе го поткопа владеењето на правото.

“Со ваква декриминализација на бесправното градење се доведува во прашање правната, материјалната, социјалната и финансиската еднаквост на учесниците во градбениот процес. Односно, државата покрај тоа што не успева да го менаџира просторот, не успева ниту во правниот сегмент од нејзиното правично владеење”, се вели во соопштението од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Со новиот закон ќе може да се легализираат сите бесправно изградени објекти до датумот кога законот ќе стапи во сила. Исклучок се само дивоградбите во подрачјата заштитени од УНЕСКО. Иако беше изгласан, законот е вратен во Собранието откако претседателот на државата одби да го потпише со забелешки дека се коси со неколку уставни одредби. Доколку пратениците повторно го изгласаат, претседателот е должен да го потпише.