Македонија
2. March 2021 - 20:04

Бочварски најави финализирање на експресните патишта на истокот од државата до крајот на годината

Патишта, водоводни и канализациски системи и останата инфраструктура кои во минатото биле градени без соодветни дозволи и одобренија за градба, денес имаат третман на дивоградби. Општините се соочуваат со огромен проблем, зашто не можат да користат средства за реконструкција и рехабилитација, од причина што не поседуваат имотни листови. Еден таков пример е локалниот пат помеѓу селата Таринци и Д. Балван во општина Карбинци, во должина од 2 км.

-Повеќе од две години настојуваме овој патен правец да го реконструираме. Средствата се обезбедени од Светска банка, преку Министерството за транспорт и врски, меѓутоа, за жал, овој патен правец не е впишан во катастерот, односно нема катастaрска парцела како јавен пат- изјави Јордан Насев, градоначалник на Општина Карбинци.

Првиот човек на транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека новиот Закон за легализација е во собраниска процедура од септември минатата година и смета дека треба да биде отворена јавна расправа и дебата и да биде донесен со поширок консензус од сите политички партии. 

-Важно е дека со овој Закон државата може да реши големи прашања во однос на националните проекти, ставање во функција и впишување во катастар на инсталациони, водоводни мрежи, гасоводи и далноводи - изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Бочварски не можеше да прецизира дали ќе има поддршка од опозицијата, затоа што разговорите се во почетна фаза. Денеска, заедно со директорот на ЈП „Државни патишта“ изврши увид во градежните работи на втората делница од експресниот пат Штип - Кочани, за која најавија дека ќе биде финализирана на крајот од годината, кога треба да биде пуштен во употреба и новиот експресен пат Штип - Радовиш.