Свет
20. January 2022 - 9:10

Блинкен: На Русија и е понуден јасен избор меѓу дијалог и конфронтација

– Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека на Русија и е понуден јасен избор меѓу дијалог и дипломатија, од една страна, и конфронтација и последици што ќе следат, од друга.

-Имавме серија интензивни дипломатски состаноци со руски претставници, директно преку дијалогот за стратешка стабилност со НАТО, со Советот НАТО-Русија при ОБСЕ и постои надеж дека Русија ќе продолжи по овој дипломатски пат, што го посакуваме, изјави Блинкен во интервју за „Гласот на Америка“ во Киев.

Шефот на американската дипломатија посочи дека на Русија и било јасно ставено до знаење дека ќе следи силен и одлучен одговор не само од САД, туку и од Европа и пошироко, доколку Москва одлучи да ја обнови својата агресија против Украина.

-Не сакам да навлегувам во детали, но тоа го правиме во многу тесна координација со европските сојузници и партнери. Доколку Москва изврши агресија против Украина, последиците речиси сигурно ќе бидат економски санкции, дополнителна воена помош за Украина и речиси сигурно е дека НАТО ќе мора да ја зајакне сопствената одбрана на своето источно крило, изјави Блинкен.

Тој посочи дека во изминатите недели се воделе важни разговори и оцени дека сега секој има можност да размисли за што се разговарало.

-Русите се вратија и веројатно се консултираат со претседателот Путин. Ние го направивме истото, во мојот случај јас се консултирав со претседателот Бајден, а Европејците го направија истото со нивните лидери, рече Блинкен, додавајќи дека вистинското прашање е дали Русија е сериозна за спроведување на договорот од Минск.

„Доколку е така, ние сме подготвени да го овозможиме, подготвени сме да го поддржиме, подготвени сме да се вклучиме во тоа, но во рамките на поддршката на Номандискиот процес, во кој учествуваат Франција, Германија, Русија и Украина“, додаде Блинкен.

-Напредокот на Украина, што ние сме решени да го поддржиме, зависи од реформите, затоа очекуваме претседателот Зеленски да продолжи со тие напори. САД го поддржуваат него и Украина во овие напори, заклучи првиот човек на Стејт департментот во интервју за „ВОА“ во Киев.