Бизнис
18. April 2021 - 16:48

Бизнисот бара нови мерки, протестите продолжуваат

Со петтиот пакет многу се доцни и веќе е неопходен нов сет на мерки, велат угостителите. Тврдат дека со денеска донесената помош, моментално ќе бидат санирани штетите, затоа што три месеци бизнисот ги моли пратениците, а фирмите и граѓаните ја чекаа помошта. Велат дека државата веќе требало да работи на креирање на мерки за шести пакет за да се обезбеди континуитет во поддршката и повеќе да не се остави стопанството без помош.

Поради доцнењето на помошта, околу 6.000 текстилни работнички беа пратени на колективен одмор. Од секторот велат дека пакетот ќе помогне да се исплатат плати за два месеци. Но работа нема, Европа е затворена и неопходен е нов сет на мерки, за да може и во следниот период вработените да се задржат на работа, а по звршување на пандемијата со отварањето на пазарите да може домашните капацитети да одговорат на нарачките. 

Туристичките водичи пак тврдат дека тие воопшто и не се вклучени во петтиот пакет. Бараат финанисиски да бидат поддржани затоа што долго време се без активности.

Незадоволни од тоа како тече поддршка од вторник на протести излегуваат и организаторите на прослави и останатите угостители кои од скоро  повторно се комплетно затворени, туристичките работници, водичите,  сопственци на игротеки. На улица ќе бидат се додека не бидат прифатени нивните предлози за спас на секторите.  Има најава дека на протестот  може би ќе се приклучат и естрадните уметници, но се чека нивна потврда.

Вчера од Владата без конкретен договор излегоа и организаторите на настани. Но тие ќе го почекаат јавниот повик за да видат дали ќе биде од помош или повторно и тие ќе излезат на улица.