Македонија
24. November 2020 - 12:36

Бизнис секторот во Прилеп се вклучува во помош на здравствениот систем

Прилепските бербери, фризери и козметичари денеска организираа хуманитарна акција за донирање на вода и овошје за пациентите болни од Ковид 19 кои се хоспитализирани во прилепската болница. Освен за нив донацијата е наменета и за целиот медициски персонал кој веќе со месеци се наоѓа на првите борбени редови и е крајно истоштен.

„Болницата е преполна со пациенти, оваа болница како и сите во државава кубури со персонал и мора сите да помогнеме на овој начин, затоа што знаеме сите дека пациент легнат во кревет не е сам во состојба да стане и да
си наполни вода. Секој еден пациент кој е хоспитализиран во автоматизам значи и дека членовите на неговото семејство се во изолација и со тоа е оневозможено е дистрибуција на вода и овошје за пациентите. Денов како
што започна сум убеден дека ќе помине со огромни донации за болницата“, истакна Крешимир Здравески, фризер од Прилеп.

Секцијата на бербери, фризери и козметичари од Прилеп е еснафот кој досега покажал најголема хуманост и е дел од повеќе вакви акции. Денеска на акцијата се приклучија и дел од спортските клубови.

„Сакаме и ние како спортисти да учествуваме на овој настан, на оваа хуманитарна акција, на било каков начин да помогнеме. Господ да му помогне на сите болни, да имаат добро здравје и сите граѓани треба да се
вклучат во вакви акции“, кажа Киро Здравески, спортист ветеран.

Прилепските фирми, како и поединци во последниот период покажаа голема хуманост и општествена одговорност кога станува збор за борбата со корона виирусот. Пред неколку денови токму со средства од прилепскиот бизнис сектор
се изгради и централен довод за кислород до инфектиивното одделениие, а со напори на една невладина организација се обезбеди и амбулантно возило од германската амбасада за потребите на болницата. Следна донација која се
најавува е набавување на прочистувачи за воздух за потребите на болницата.