Македонија
31. March 2020 - 17:17

Битолчанец почина во самоизолација

66-годишен битолчанец кој бил во самоизолација бил пронајден починат во текот на вчерашниот ден во стан на улицата „Димче Лахчански“ во Битола. Тој две недели бил сам во самоизолација во станот откако се вратил од Англија каде што се наоѓа неговото најблиско семејство. Со роднините тука се слушнал претходниот ден, а побарале полициска асистенција за да се отвори станот откако во текот на вчерашниот ден не им се јавувал на повиците. Штом било влезено во станот било пронајдено неговото тело. Од СВР Битола само потврдуваат дека кај нив бил пријавен случај на починато лице на улицата „Димче Лахчански“, излезено е на местото на настанот и направен е увид. Причината за смртта засега се уште не е позната, но се третира како потенцијален заболен од коронавирус во овие околности. Соседите се во неизвесност.

-Вчера му беше последен ден од изолацијата, но не си дочека. Дојде полиција, ние не бевме во тек, дека има таков случај. После не можеше да се влезе, да се отворат вратите. Откако тоа се заврши, после никој не влегуваше да се подигне телото. Откако завршија епидемиолозите ни рекоа може да ви дадеме скафандери, ако се нафати некој, па после околу 18 часот дојде погребалното го подигна, изјави Илија Тембелевски, претседател на месната заедница.

Соседите велат дека често излегувал на балкон.

-Претходниот ден, во неделата беше излезен на балкон, го виделе. Ние баравме да се изврши дезинфекција, во влезот, во станот, не бев тука попладне не знам дали извршија, вели Тембелевски.

Директорката на Центарот за јавно здравје Битола, д-р Елизабета Крстева за Сител изјави дека откако била констатирана смртта епидемиолозите зеле брис од починатиот, а телото беше подигнато од страна на погребалното претпријатие. Веднаш потоа била извршена дезинфекција на самиот стан, но и на влезот во зградата. Материјалот со земениот брис веднаш бил испратен во Скопје. Д-р Крстева потврдува дека пациентот бил во 14-дневна самоизолација, немал контакти со никого, меѓутоа мора да се третира како потенцијално заболен. Токму затоа постапката за подигање на телото траела подолго време, околу 3-4 часа, во постојана координација со полицијата, Министерството за здравство и Јавното обвинителство и во постојано присуство на негови блиски роднини. Таа вели дека согласно процедурите, на погребалното претпријатие им биле понудени скафандери и заштитна опрема за да го подигнат телото, но тие веќе биле комплетно опремени. Од Центарот за јавно здравје Битола се надеваат дека резултатите ќе бидат готови денес попладне, затоа што сите процедури како понатаму ќе се постапува со телото на починатиот, ќе зависат од тоа каков ќе биде резултатот.