Македонија
23. October 2019 - 17:33

Битола ќе ги пошумува опожарените предели

Изминатите неколку години, во околината на Битола заради пожарите е десеткуван шумскиот фонд. Токму затоа од 1 до 15 ноември ќе започне акцијата за пошумување „Да засадиме иднина“ со која ќе се засадат 100.000 садници, а на тој начин да се обноват белите дробови на Битола и да се придонесе за чистиот воздух.

- Сите заслужуваме да дишеме чист воздух, да имаме здрава животна средина во која живееме, така што ги повикувам сите граѓани на Битола да ја поддржат оваа иницијатива. Бидејќи воздухот  нема ниту боја, ниту определба, има само мирис на чад кој што го чувствуваме сите во зимските периоди или мирис на природа кој што сакаме ситре да го почувствуваме, изјави Миле Спировски, претседател на ротари клуб Широк Сокак Битола.

Садниците ги набави ЈП Национални шуми чии вработени ќе бидат и стручна поддршка на акцијата, за правилно да се засадат садниците, а акцијата да биде што поуспешна. Од Национални шуми велат дека целта е да засадат мешовити шуми кои понатаму ќе бидат поотпорни на можноста од опожарување.

- Eдно дрво годишно произведува околу 145 килограми кислород што е доволно за двајца возрасни луѓе, тоа покажува колкава е моќта на дрвото и природата. Заради ова треба да настојуваме да се зголемува бројот на пошумени зелени површини, како што е случајот со Битола каде неколку пати имаше катастрофални пожари, изјави Маре Басова, ЈП Национални шуми.

Доколку временските прилики нема да бидат погодни за засадување, организаторите велат дека акцијата ќе биде поместена, за што граѓаните ќе бидат навремено известени. Пошумувањето е планирано кај Ротино.