Македонија
27. September 2021 - 15:55

Битиќи – Техада: Соработката е извонредна, продолжува швајцарската поддршка на реформите и македонскиот евронтеграциски пат

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска оствари средба со амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада, на која набрзо и завршува мандатот во земјава.

Битиќи упати благодарност за личниот ангажман на амбасадорката во процесот на спроведување на реформите во нашата држава, но и до Швајцарија, која уште од 1992 година е една од земјите кои даваат најголема поддршка во политичкиот, општествениот и економскиот развој и една од најголемите донатори на Македонија, како и силен поддржувач на евроинтеграцискиот пат.

Вицепремиерот констатираше дека во изминатиот период, со швајцарска поддршка, преку Амбасадата и Швајцарската агенција за развој и соработка, се реализирани голем број проекти со кои се овозможени подобри услови за живот и подобар животен стандард за граѓаните.

Економската соработка помеѓу двете земји бележи континуиран раст, се зајакнуваат врските помеѓу компаниите и владите од двете земји, а овој процес ќе продолжи да се движи во позитивна насока и понатаму, се согласија вицепремиерот и амбасадорката.

Во изминатиот период Швајцарија даде силна поддршка во проекти за рамномерен регионален развој, за подобрување на конкурентноста и за зголемени можности за вработување, а поддршката од Швајцарија продолжува и ќе се реализира согласно Швајцарската програма за поддршка на земјава во периодот 2021 – 2024 година, која беше претставена неодамна.

Вицепремиерот Битиќи упати честитки за успешниот мандат на амбасадорката Зутер Техада и посака уште поголем успех на нејзината следна должност.