Бизнис
12. April 2021 - 20:16

Битиќи: Организаторите на настани никогаш не биле изоставени од мерките во сите пет пакет мерки

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека Владата обезбедила средства за организација на поголем број настани од јавен интерес, за чија реализација би можело да бидат ангажирани компании од таканаречената „ивент“ индустрија со што би им се помогнало да го пребродат периодот кога се организираат помалку настани поради пандемијата. Овие компании, вели Битиќи, не се исклучени ниту од досегашните мерки за поддршка, ниту од петтиот пакет што треба наскоро да биде донесен. Исто така, ним им се достапни и средства од бескаматни кредити од Развојната банка, кои, како што рече, под одредени услови би можеле половина да станат грант.

Битиќи истакна дека решение за прашањето на поддршката на овие компании има и оти само на него на еден начин гледа Владата, на друг начин претставниците на овие компании, кои денеска организраа протест со барање за поголема поддршка од Владата.

- Не мислам дека нема да се најде решение. Ние решенијата секако ги имаме. Единствено ги гледаме различино од различни аспекти. Компаниите кои организираат настани никогаш не биле изоставени од мерките во сите пет пакет мерки. Беа вклучени во ослободување од даночни аконтации на данок на добивка, беа вклучени во ослободување од данок на личен доход, имаа можност за апликација на кредити без камата од Развојната банка, а имаа можност и за субвенционирање на плати, рече Битиќи во гостување на ТВ Сител.

Во врска со најавата дека државата има обезбедено еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани од јавен интерес, како на пример јубилејот 30 години независност на државата, Битиќи вели дека тоа е одлична можност компаниите да бидат поддржани и платени за организацијата без да мислат за профитабилност на настанот.

- Оваа индустрија никогаш со уредба, ниту со закон не беше затворена. Тие имаа протоколи за работа и организирањето настани под тие услови ја доведува во прашање рентабилноста. Ние сме свесни за тоа и затоа креиравме нова мерка во петтиот пакет во која велиме – ќе ви понудиме можност вие да креирате содржина и за тоа да бидете соодветно платени, без притоа да внимавате на прагот на рентабилноста, рече вицепремиерот.

Целта е, како што посочи, да се поддржат компаниите да продолжат да работат, да се поттикнат да го прифатат предизвикот да се прилагодат на променетите услови и да го искористат својот креативен капацитет за да креираат содржина.