Македонија
14. July 2020 - 16:53

Без проблеми гласањето во затворот во Штип

Сто деведесет и две осудени лица во Казнено поправната установа Затвор Штип од 7 наутро до 21 часот навечер ќе имаат можност да го искористат своето избирачко право. Лицата на издржување казна затвор гласаа во игротеката, односно, посебна просторија наменета за нивните деца во време на посети. Овој простор ги исполнува здравствените протоколи за гласање во услови на пандемија.

Се внимава на мерките. Се одржува дистанца, сите влегуваат со маски, а на лицата кои немаат маски, ние им даваме. Средства за дезинфекција има доволно. Рацете се дезинфецираат на влегување, но и на излегување- изјави Трајко Јолев, претседател на ИО- 22 91 А.

Во штипскиот затвор гласаат осуденици од 40 општини. Гласачкото ливче се става во плико и се пушта во кутијата.

Се вадат пликовите од секоја општина, се ставаат во жолто плико и се доставуваат до ОИК во Штип, а тие пак ги доставуваат до секоја општина посебно, од каде што се лицата- додаде Јолев.

Денеска во Штип гласаа и 216 болни и изнемоштени лица.