Македонија
6. February 2016 - 10:43

„Басмак“: Одлична година за тутунарите

Добра година за тутунопроизводителите со просечна откупна цена од 186 денари по килограм. Ова е оценката на претседателот на Здружението на тутунопроизводители „Басмак“ од Василево, Марјан Трајков кој истовремено побара од земјоделците да поднесат пријава за издавање евидентни листови.

- Иако сеуште трае откупот, апелирам до тутунарите да поднесат пријави за издавање евидентни листови. Не им треба нов имотен лист, може и стариот. Во пријавата се запишува само бројот од листот и од парцелите каде што ќе биде засаден тутунот. Производителите да внимаваат и во пријавата да запишат со колку откупувачи сакаат да склучат договори. Тоа со цел за Министерството за земјоделство да им даде евидентни листови соодветно потребата, потенцира Трајков.

Во струмичкиот регион тутун откупуваа четири компании. За наредната сезона, Трајкова најавува влез на уште еден откупувач.

- Динамиката на откупот е добра, по нашите процени тутунот во струмичко целосно ќе биде откупен до 15-20 февруари. Досега откупени се до 90 проценти од количините. На ниво на Македонија откупено е 80 проценти односно 15 милиони и 500 килограми тутун. Според нас има уште три-четири милиони килограми кои треба да бидат откупени до крај на сезоната, вели Трајков.

Според него, наместо планираните 25 милиони килограми тутун, Македонија ќе произведе 19 милиони килограми. Очекува, годинешната добра просечна цена догодина да го зголеми и бројот на тутунопроизводители.