Македонија
29. September 2020 - 21:26

Авторот на спорната фотографија на Рама за Сител: Сликана е во Македонија

Не очекував ваков публицитет околу една слика, признава изненадениот Африм Тахирај од Тирана. Фотографија на Лешница не е ни првата ни последна која тој ја направил како страствен планинар. Кога ја постирал на социјалните мрежи, Тахирај под неа напишал Лешница, Шар Планина. Не ни сонувал дека сликата ќе заврши на фејсбукот на премиерот Еди Рама, со опис прекрасна Албанија.

Младиот Албанец кој е вљубеник во природата не гледа никаква врска меѓу политиката и природните убавини. Не сум среќен поради ваквиот публицитет, вели тој, моја единствена цел е да споделувам фотографии кои ќе ги поврзуваат, а не разделуваат луѓето.

Од кабинетот на Еди Рама се извинија, со образложение дека се работи за ненамерна грешка бидејки во јужниот дел на Албанија постои село со истото име. Извинувањето уследи по бурните реакции на профилот на албанскиот премиер дека на фотографијата од Лешница која ја постирал не се убавините на Албанија туку на Македонија.