Балкан
15. October 2019 - 16:26

Аврамопулос: Инвазијата во Сирија носи опасност за мигрантското/бегалското прашање

Инвазијата во Сирија носи опасност илјадници бегалци да сакаат да ја поминат границата со Турција, а првата жртва, во тој случај ќе биде Грција, истакна комесарот за миграциска политика на ЕУ, Димитрис Аврамопулос говорејќи утрово на заедничката седница на комисиите за внатрешни работи, цивилна заштита и правда во грчкиот Парламент.

Во опширното и детално обраќање, Аврамопулос говореше за актуелната ситуација со бегалците и мигрантите, за Договорот ЕУ-Турција, како и за состојбата во Грција и за како што рече „недостатоците во државниот механизам”, јави дописничката на МИА од Атина.

– Притисокот што во овој момент се врши врз населението на границата меѓу Турција и Сирија може да принуди илјадници Сиријци или и други кои живеат во тој дел да сакаат да ја поминат границата со Турција, вели Аврамопулос и додава дека во тој случај Грција би била првата жртва бидејќи прифатните центри односно т.н. „hot spots“ може да одговорат на притисоците, но не и на толку големи бројки со што тоа би било „катастрофално за Грција и за Европа”.

– Оние што се веќе депортирани се околу 1.300, а во овој момент требаше да се вратени 35 илјади. Што значи ова со бројки? Дека никој не требаше да биде на островите, истакна Аврампопулос и објасни дека ова се должи на недостатоци во државниот механизам, а како пример спомена дека во други земји прифатните центри се граделе за 15 дена, а на Грција и требало една година.

За Договорот ЕУ-Турција рече дека ако тој пропадне тогаш ситуацијата ќе биде многу тешка и за Грција и за Европа.

Еврокомесарот за миграциска политика сподели и нешто што како што рече порано не требало да го спомене, а се однесува на Шенген зоната. Во 2016 година двапати добил предлози за повторно да се воведе контрола на границите со Грција, а земји од централна Европа сметале дека „Грција не е способна да управува со заедничката европска граница, а со тоа нема место во Шенген зоната”.