Македонија
16. January 2020 - 16:30

Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари упати предизборна декларација до политичките партии

Зајакнати критериуми за упис на факултет и медицина да студираат оние кои се најупорни и најталентирани со добро познавање на хемија, биологија математика..Платени дежурства и добивање пари за одвоен живот на специјализантите кои се од внатрешноста. Вработување на најдобрите тројца студенти од медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип и достоинствена минимална плата за младите доктори. Ова се само дел од предлог мерките во Декларацијата што ја изработува Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари а која ќе ја понудат на сите политички партии пред одржување на предвремените парламентари избори. 

-Имаме барање за закон за нов Клинички центар со утврдени рокови, и доколку биде изграден за седум години, ние дотогаш имаме реална потреба од нова библиотека, градинка во кругот на клинички, дом за специјализантите, на местото на Медицинар едни монтажни кукички за она што го бараме, вели др. Божидар Кочовски, претседател на АСМЛ.

Една од точките во декларацијата е двапати годишно да има конкурси за специјализации а специјализантот да има право на печат. Од АСМЛ со уверување дека решавањето на овие проблеми ќе го намали егзодусот на младите лекари во странство.

-Секако, тоа влијае на перцепцијата а вложувањето на надлежните чинители го менува и ставот па ќе се задржат кадрите и ќе сакаат да работат во земјата, вели Кочоски.

За политичарите барањата на АСМЛ се реални.

-Добар дел од ова што е напишано го имаме имплементирано во нашите политики. Ова е потврда дека ги прифаќаат нашите мерки и дека се добри за здравствениот систем, вели Др. Венко Филипче, СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ декларацијата детално ќе ја разгледуваат на партиската комисија за здравство.

-Ги подржуваме предлог мерките на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. Нивната декларација е оправдана а за деталите со став ќе се произнесе Комисијата за здравство, вели др. Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Асоцијацијата велат дека декларацијата се уште е отворена за дополнителни предлози од младите лекари. Очекуваат подршка од сите политички партии.