Македонија
31. March 2023 - 16:34

Армијата ќе се модернизира со 900 милиони евра

При крај е набавката на 8-те хеликоптери, тешка над 200 милиони евра. Со нив треба да се модернизира Армијата откако Владата реши да ги донира сегашните 12 борбени на Украина. На брифинг, од министерството за одбрана рекоа дека донираните хеликоптери биле стари и ги споредија со југо купено пред 40 години. Тврдат дека борбената готовност не е нарушена, туку подобрена.

Решивме да бидеме и ефикасни и прагматични да ја донираме опремата која согласно трансформацијата не ни е потребна и доколку не го сториме тоа за одреден период ќе мора и да платиме за да ја уништиме. Ја дониравме онаму кадешто е најпотребно, во одбрана на земја која е брутално нападната.“ – Славјанка Петровска, министерка за одбрана

Модернизацијата до 2032 година, наместо 600, ќе не’ чини 900 милиони евра бидејќи во воената индустрија се’ е поскапено, рече министерката. Поддршка ќе имаме од САД, Британија, Германија и Норвешка.

Петровска му одговори и на опозицискиот пратеник Ковачки, откако тој од говорница читаше психијатриски извештај велејќи дека зема седативи. Држејќи две папки, посочи дека тука лежи неговиот страв и изрази жалење што тој униформата ја заменил со костум за да служи на политичка партија.

Тој се плаши од две работи, од овие две папки... Во првата се сите докази со кои потврдувам дека лаже дека кријам имот. Втората папка е папката во која се крие товарот на неговото минато којшто длабоко го боли и поради кое не може да добие НАТО сертификат. Јас не сум дел од неговото минато“ - Славјанка Петровска, министерка за одбрана

Таа го повика Ковачки лично пред јавноста да го открие своето минато и одби да каже детали од „зелената“ папка затоа што информациите во неа биле строго доверливи.