Македонија
7. July 2020 - 16:13

Анкета на ИПИС: ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ, Мицкоски со најголема доверба кај граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ има предност во однос на СДСМ пред вонредните парламентарни избори на 15 јули, покажува анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), направена телефонски меѓу 2 и 5 јули на 1.087 полнолетни испитаници во Македонија.

За коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле дека ќе гласаат 21,9 проценти од анкетираните, а за коалицијата на СДСМ и Беса 19,8 отсто. Далеку зад нив се ДУИ со 5,9 проценти, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива со 4,2 отсто, Левица со 1,3 отсто, а за друга партија се определиле 0,4 отсто од испитаниците. „Не знам“ одговориле 17,1 проценти, не сакаат да кажат 16,4 отсто, а за ниедна партија не би гласале 12,1 отсто.

Уште поголема (5,8 отсто) е разликата меѓу двете најголеми македонски партии кај Македонците, од кои 28,8 проценти го избрале ВМРО-ДПМНЕ, а 23 отсто СДСМ и Беса. За Левица се решиле 1,7 отсто, за друга партија 0,5 отсто, а ДУИ, АА и Алтернатива или ДПА не добиле ниеден глас. Не сакаат да кажат за кого ќе гласаат 19,3 проценти, не знаат 15,8 отсто, а ниедна партија не избрале 10,9 отсто.

Кај електоратот на Албанците најголема доверба од 25,9 проценти ужива ДУИ, за АА и Алтернатива се 17,4 отсто, а за СДСМ и Бесат 10,7 отсто. ВМРО-ДПМНЕ, Левица или некоја друга партија не би добиле ни еден глас. Одговор „не знам“ дале 22,1 процент од прашаните, 14 отсто не се за ниедна партија, а 5,8 отсто не сакаат да се изјаснат.

Од политичарите најголема поддршка има Христијан Мицкоски од 19,2 проценти, пред Зоран Заев со 17,6 отсто. За Али Ахмети се 6,5 отсто, за Зијадин Села 3,9 отсто, за Димитар Апасиев 1,1 отсто, за Африм Гаши 1 отсто, за Билал Касами 0,9 отсто и за Мендух Тачи 0,8 отсто, а за некој друг се определиле 6,2 проценти. За ниеден политичар не се 26,6 проценти од испитаниците, а 16,2 отсто не знаат или немаат одговор.