Македонија
28. October 2020 - 16:43

Ангелов: Бугарија не може да ги промени своите позиции за преговарачката рамка – Османи: Има напредок за спорните прашања

Бугарија нема намера да го напушти ровот и да отстапи од тврдите позиции во однос на Македонија. На помалку од две седмици до клучната дебата за усвојувањето на преговарачката рамка, бугарскиот амбасадор во земјава со порака – тоа е наш став кој има поткрепа во официјалната политика.  

“Бугарија не може да ги промени позициите бидејќи има донесено декларација во парламентот и решение на Влада. Тоа што се зборува внатре во ЕУ е внатрешен проблем на Унијата, тоа е проблем на Брисел, не не наш во моментов. Сега сме сконцентрирани да го завршиме Берлинскиот процес, заеднички да и покажеме на цела Европа дека можеме нешто заеднички да завршиме успешно”.
Работни групи од двете министерства секојдневно работат на отворените прашања, а конкретен договор се очекува до средбата Заев – Борисов во Софија на почетокот на ноември. Напредок има, вели министерот Османи. 
Оптимистичен, но без да открие детали, шефот на дипломатијата категоричен дека сите прашања треба да се решаваат во рамките на постоечкиот Договор за добрососедство.

“Треба да разбереме дека Договорот не претставува едностран акт чија функција завршува со моментот на неговото потпишување. Договорот претставува рамка во која ние ќе ги решиме разликите. Тоа значи дека доколку во текот имплементирањето имаме различни очекувања или погледи по однос на динамиката на имплементација, мислам дека треба да седнеме и во таа рамка да разговараме, тоа е улогата на Договорот”.
Целта на германското претседателство е одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија до крајот на годинава, што е во интерес на сите вклучени страни.  
Германската амбасадорка во земјава не се впушти во прогноза за позитивен исход, но порача дека ЕУ во овој случај не може да се меша во спорот.

“Во интерес на Бугарија е да ја задржи репутацијата на цврст поддржувач на регионот. ЕУ не може да навлегува во разликите кои постојат меѓу една земја членка и земја кандидат. Билатералните прашања треба да се решаваат билатерално”.
Како земја претседавач со ЕУ, која има силна амбиција Македонија да ги почне преговорите, Холштајн уверува дека Германија ќе направи се што може за остварување на оваа цел.