Македонија
7. December 2022 - 21:15

Анализа - Што треба да содржи Законот за ветинг на судиите?

Што ќе содржи Законот за ветинг? Иако премиерот Ковачевски вчера го најави, ниту власта, ниту експертите не споделуваат детали како ќе се прочистува правосудниот систем во државата. Ветингот во принцип би требало да ја процени индивидуалната одговорност, интегритетот на поединецот и инволвираноста во претходни злоупотреби.

Албанија, како најсвеж пример на ветинг во соседството спроведе прочистување кое се засноваше три столбови: стручност, независност од организиран криминал и политички релации, како и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите, но и на нивните роднини, како и богатството стекнато и во Албанија и во странство. За пет години, колку што траше процесот, Албанија начин прочисти 155 судии и обвинители, а 56 сами си поднесоа оставка.

Поранешната судијка, Маргарита Цаца Николовска е на ставот дека за добар ветинг потребно е квалитетно законско решение кое јасно ќе ги постави контурите на тоа што значи просчистувањето и кои критериуми ќе одредат кој судија или обвинител ќе биде разрешен. Сепак, вели дека само разрешување нема да даде добри резултати на долг рок.

-Повлекување од функција доколку постои некакво сомневање не може да се прифати во смисла дека со самото повлекување се разрешила ситуацијата. Ако постои некој проблем и ако е потребно некое прочистување и таа личност треба да се отстрани од правосудните органи, треба да се утврди што бил проблемот и дали таа личност треба да одговара, вели Маргарита Цаца Николовска.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, пак, смета дека ветингот е опасен и можеби за него потребна е меѓународна асистенција.

-Брзи решенија би можеле да бидат радикални. На пример, ветингот би можел да биде многу опасен и да се претвори во чистка на непожелни, наместо на лоши судии. Кој ќе го спроведува и како, дали ќе биде бона фиде. Можеби би можело, не знам, не сум експерт, со некаков меѓународен мониторинг за да се минизираат овие опасности, вели Калајџиев.

Сепак, Цаца Николовска предупредува дека прочистување треба да се направи и надвор од правосудниот систем.

-Јас сум сигурна дека ветинг или прочистување не е потребно само во правосудството туку и во другите сегменти од властите, вели Цаца Николовска.

Судството во државата ужива најниска доверба и од граѓаните доби најниска оценка од сите институции. Последните избори на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и претседателката на Судскиот совет би можеле уште толку да ја намалат и така слабата доверба во правосудниот систем.