Македонија
17. јуни 2021 - 21:16

Анализа: Што предложил Заев во Софија, што ќе се разгледува од бугарската влада?

Новиот предлог кој премиерот Заев го донел во Софија мора да се заснова на историските прашања, бидејќи токму таму е насочен бугарскиот фокус. Ова се првичните анализи на македонските и на бугарските експерти, по изјавата на привремениот премиер Јанев дека македонскиот премиер допатувал во Софија со нов предлог – решение за спорот.

Според бугарскиот аналитичар Дечев, тешко е да се предвиди што точно однел Заев во Софија, имајќи предвид дека Скопје прилично тврдо се држи до две точки околу историската комисија.

„Тие се: работата на комисијата треба да биде оставена само на историчарите...а тоа што ќе се договори да не е задолжително за примена од Министерствата во учебниците...и затоа ми е многу тешко да предвидам”

Што содржи новиот предлог тешко можат да одгатнат и македонските аналитичари.

Тешкото доаѓање до решение и заеднички јазик меѓу двете земји ги заморува и граѓаните. Тие треба да се подготват дека македонско – бугарскиот спор можеби и нема да се реши во блиска иднина.

Она што секако може да се очекува, велат аналитичарите, е нов импулс во билатералните односи и зачестеност на меѓусебните средби. Како што велат, решение ќе се бара со новите актери на политичката сцена во Бугарија, но не се исклучуваат промени и во мешовитата историска комисија.