Македонија
26. October 2021 - 21:16

Анализа: Дали мешовитата Комисија наместо експертска станува политичка - што по изборите во Бугарија?

Политизираноста на историчарите, но и изборите во двете земји, се директна причина за статус квото во разговорите Скопје – Софија, смета бугарскиот професор Дечев. Вели - потребна е поголема самокритика и храброст кај политичарите, а таа ќе дојде по завршувањето на изборите.

Оставката на еден од историчарите во македонскиот тим е политички поврзана, анализира Дечев, како што впрочем е и целата мешовита Комисија.  

„Јас мислам дека од самиот почеток, наместо експертска, таа е всушност политичка комисија. Како бугарските, така и македонските учесници во комисијата не можеа да ја одвојат стручноста од политичките очекувања на бугарското и македонското општество и на двете влади. Во однос на тоа што нема резултати од последната средба, јас не сум изненаден. Мислам дека комисијата треба да продолжи да работи, но за тоа е неопходно да се промени методологијата на работа, или пак да има промени во персоналниот состав,” вели Дечев.

Поместување кон договор има – вели Дечев, но тој ќе биде повеќе видлив по завршувањето на изборите.

„Секако дека изборите влијаат и нормално е да очекуваме релаксирање на ситуацијата на крајот на ноември и почетокот на декември и во Софија и во Скопје. Очигледно е дека за секој кој ги следи разговорите Софија – Скопје е дека има поместување од бугарска страна околу барањата, од историски кон прашања поврзани со меѓународно – правни обврски,” додава Дечев.

Иако спорот е важна тема, македонското прашање во кампањата во Бугарија нема да зазеде централно место, а тоа ќе биде корупцијата, судството и лошата состојба со Ковид во земјата.