Македонија
27. November 2021 - 21:14

Анализа: Дали има системски недостатоци во институциите, автобус без лиценца 135 пати да ја премине границата?

Имаме форма без суштина. Потребно е да почнеме од 0 да ги градиме институциите за да не се случуваат катастрофи како автобуската несреќа која зеде 45 животи. Експертите велат дека треба што е можно поскоро да се направи темелна реконструкција на системот бидејќи имаме над 1.000 институции, а голем дел од нив не знаеме ниту што работат. 

Последната трагедија треба да послужи за основа за реформите во државната управа. 

-Ние секојдневно како граѓани се сретнуваме со нефункционирањето на системот. Оттука треба, кога ќе кажам да се преиспитаат, не треба да се направат анализи, анализите всушност ги имаме. Треба Владата, се надевам идната, да се одважи и да каже дека ќе го кратиме бројот на Органи на државна управа. Премногу ги имаме, и нивните надлежности се преклопуваат. Кога се преклопуваат надлежностите, па го гледаме тоа од прес-конференциите изминатите два-три дена, не може да се лоцира одговорноста, не може да се знае кој што работи, а ако не се знае кој што работи тогаш многу лесно луѓето, неработниците, корумпираните, како сакате, можат да не работат, вели универзитетската професорка, Ана Павловска Данева. 

Се поставува прашањето како кобниот автобус без потребните документи во просек секој трет ден ја поминувал државната граница. Професорката Павловска Данева прашува како Државниот инспекторат за транпорт при вршењето на надзорите во компанијата „Беса Транс“ не констатирал дека таа нема целосна документација.

-Ако воопшто не биле извршени надзори од страна на Државниот инспекторат за транспорт врз компанијата, ниту годинава ниту претходната година, тогаш треба сериозно да се запрашаме што работел Инспекциоскиот совет во врска тоа. Ако е точно дека Државниот инспекторат за транспорт работи само со 13 инспектори кои треба да ја покријат целата територија на државата, тогаш повторно се поставува прашањето: Каде бил досега Инспекцискиот совет да реагира зошто државата, зошто Владата оставила сериозни институции, како Инспекраторатите да немаат кадар и ништо од тоа да не се преземе, вели Павловска Даневса. 

Инспекцискиот совет е тело составено од 7 функционери избрани од Владата и согласно законските надлежности издаваат и одземаат лиценци на инспекции, предлагаат разрешување на директори на Инспекторатите и ја следат целата нивна работа.