Ракомет
21. October 2019 - 11:39

Алушовски: Им честитам на моите ракометари за борбеноста, но не и за храброста

Нема натпревар сезонава кој дебитантот во елитната ракометна Лига на шампиони, Еурофарм Работник, не го завршува со само еден гол разлика. 
 
Сепак. За жал на битолските „фармацевти“ и вчерашниот против  Татран Прешов беше со разочарувачки епилог за нив, четврти пораз со еден гол разлика 23-24. 
 
По мечот тренерот Стефче Алушовски изјави „Ако треба да се земе пример како еден тим од позитивна го носи мечот во негативна насока, тогаш тоа сигурно сме ние. Четврти натпревар оваа сезона губиме со еден гол разлика. На спротивната страна имавме расположен голман и тој се надоврза на нашиот лош втор дел.
Немаме самопочит кон она што го работиме. Сакам да им честитам на моите ракометари за борбеноста, но не и за храброста. Чест е да се игра пред полна сала во Битола, но треба да се игра докрај за секоја топка и да се покаже повеќе храброст. Сега ни претстои анализа и нов натпревар, односно можност за реванш во Словачка против Татран“.
 
И капитенот Гоце Ојлевски не го криеше разочарувањето 
 
„Противникот одигра добар натпревар. Голманот имаше свој ден и беше најзаслужен за конечниот резултат. Ние мора да направиме добра анализа и да се подобрите во иднина. Како и на претходните мечеви, започнуваме одлично, а потоа како да ни е судено да разочараме во финишот“, рече Гоце Ојлески, на прес-конференцијата.
 
Со една победа во пет натпревари, Еурофарм е на делба на последната позиција на табелата во групата Ц, заедно со Татран и Кокс.
 
Можност за поправен испит за македонскиот вицешампион ќе има на почетокот на ноември, кога ќе му гостува на Татран во Словачка.