Македонија
3. December 2021 - 16:41

Алтернатива ќе носи одлука утре

Наместо вечерва, Алтернатива утре вечер ќе одржи централно претседателство во Тетово на кое ќе одлучува за тоа дали ќе биде дел од Владата заедно со СДСМ и ДУИ по постигнатиот напредок за соработка меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на партијата Африм Гаши. Одложувањето на партискиот состанок, како што соопштија од Алтернатива, е поради почит кон 45-те починати во страотната несреќа во Бугарија кои денеска се погребуваат.

И во СДСМ кои исто треба да одлучуваат по предлозите што биле на маса кај Гаши и Заев, планираат викендов да се одржат партиските состаноци на раковдството.

„Во деновите што следат се уште ќе траат консултациите во рамките на самите партии. Штом заврши процесот на консултации ќе онформираме за следните чекори и за заклучоците“, велат социјалдемократите.

Неофицијално, тие ќе го чекаат исходот од состанокот на партијата на Гаши пред тие да го одржат нивниот состанок. Сепак речиси е извесно, велат партиски извори, на крајот од викендот или почетокот на наредната недела да има нова лидерска средба Заев-Гаши.

Распределбата на ресорите се уште е на ниво на шепкулација според кои Алтернатива барала бара вицепремиерско место и две министерски места од неколку ресори: Здравство, труд и социјала, земјоделство, култура и информатичко општество и администрација, но и влијателни директорски места. Поради ова ќе треба да се прават консултации и со ДУИ кои не се многу расположени за отстапки.

Заев и Гаши досега одржаа три средби почнувајќи од 19 ноември до вчера и освен информации за напредок во заедничките програмските заложби, досега се уште нема одлука за владин коалициски договор.

Од влезот на 4 пратеници на Алтернатива во владиното мнозинство ќе зависи и начинот на кој ќе функционира Собранието. Неизвесна е дури и одложената седница за пратенички прашања. Наредната седница, на која треба да се најде и буџетот е закажана за 9 декември. До тогаш, велат неофицијално од СДСМ, ќе се стабилизира мнозинството и седницата ќе се одржи.