Македонија
14. November 2019 - 8:18

75 години од ослободувањето на Скопје

Третата и 12-тата партизанска бригада од  исток и југ ја почнале битката за ослободување на Скопје. По 10-дневна борба, на денешен ден пред 75 години Скопје е ослободено од германските фашисти. Во битката од Велес се придружила и 50. бригада, каде служел и Раде Гогов, познат како Црноречки. Раскажувајќи ја битката за главниот град вели дека голем дел од германските војници се евакуирале во правец кон Приштина, а дел се забарикадирале на повеќе локации.

-Тие борби беа навистина жестоки. Германците даваа силен отпор. Стрелаа се од високо, со митролези. Ние моравме да ги обиколиме и да ги држиме да не можат да излезат. Видоа дека нема спас, кренаа раце и еден по еден излегуваа пред вратата, а ние ги заробувавме, сведочи Раде Гогов кој учествувал во битката за Скопје.

Фашистите кои останале во Скопје го минирале и Камениот мост, но не успеале да го детонираат експлозивот.

-Мини поставиле на Камени мост од таа страна, кај Ибни Пајко. Ние ги надмудривме. Отидовме го зазедовме тој дел, ги блокиравме. Тие не можеа да минираат и така го спасивме Камени мост, раскажува Гогов.

Но по битката за главниот град Македонија се уште била заробена.

По ослободувањето на Скопје, македонските партизани пред да заминат на Сремскиот фронт еден месец воделе битки во Западна Македонија против Балистите кои биле финансирани и вооружени од страна на германските фашисти.

Градските власти со повеќе настани го одбелжаа 13 ноември. Градоначалникот Шилегов се сретна со Градскиот одбор на Сојузот на борците, а свежо цвеќе беше положено на двата споменици на ослободителите на Скопје, како и на гробот на генералот Михајло Апостолски.