Македонија
30. May 2020 - 16:43

5 починати и 35 нови случаи на корона вирус, локалните власти бараат помош

Не стивнува ширењето на коронавирусот во Македонија. Изминатото деноноќие регистрирани се 35 новозаболени, а 5 лица починаа од Ковид-19. Еден е од Струга на 70 години,а  4-ца се од Скопје на 47,69 и 70 годишна возраст. Битката со вирусот ја загуби и десетмесечното бебе кое во понеделникот со медицински авион беше транспортирано на лекување во Швајцарија.

Од вкупниот број нови случаи 22 се во главниот град. Заразени има во речиси сите скопски општини. Најмногу во Чаир 5, Бутел 3, а Аеродром, Шуто Оризари, Ѓорче Петров и Сарај по 2-ца. Токму градоначалникот на оваа општина  која е меѓу неколкуте за кои вчера здравствените власти посочија дека е можно воведување локални карантини ги повика сожителите на одговорно однесување. Да ги почитуваат мерките за носење маски и одржување на физичко растојание. Блерим Беџети изјави дека познати им се кластерите. Повеќе од половината од досега 41 заразен во Сарај биле од 4 семејства.

- Ако централната власт одлучи такво нешто(карантин), тогаш тоа ќе мора да биде спроведено, изјави Блерим Беџети, градоначалник на Сарај.

Беџети повика да се зголеми бројот на тестирања. Според него само со над 700 тестови на ден можело да се откријат точните жаришта на заразата.

Воведувањето на локални карантини во Тетово, Штип, и неколку скопски општини ќе зависи од ширењето на вирусот наредните неколку дена. Доколку до средината на наредната недела не се стабилизира состојбата надлежните не ја исклучуваат можноста да се забрани влез и излез од општината по примерот на Дебар.

Инаку изминатите 24 часа новите заболени се откриени преку 1120 тестирања од кои 487 се од скринингот. Регистриран е уште еден асимптоматски случаи. Станува збор за вработена во градинка во Тетово.