Македонија
5. December 2019 - 16:36

43 огласи за вработување во јавната администрација само во последните 4 дена

Нема предизборни вработувања во јавната администрација, тврди министерот Манчевски и покрај тоа што од почетокот на месецов, односно за само 4 работни дена објавени се огласи за 43 вработувања. Во текот на минатиот месец, пак, отворени беа огласи за околу 120 вработувања во јавната и државна администрација, каде платата достигнува и до 40.000 денари.

“Ова се случуваше и кога немаше најавени избори. Уште еднаш да предупредам, да најавам, да сигнализирам, на крајот на секоја година имаме раскинување на сите договори на определено време, тие престануваат да важат заради тоа што буџетот за таа година веќе го нема. Од следната година институциите кои што имаат потреба и ако имаат потреба од тие луѓе ќе распишат нови огласи за вработување на определено. Ова се случува секоја година. И нема никаква врска со изборите, туку е редовна активност, која што се случува секоја година на крајот на годината и почетокот на новата година”, вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Од најголемата опозициска партија обвинуваат дека Манчевски ја полни администрацијата, која што токму тој претходно ја дефинираше како неажурна и пренатрупана.

“СДСМ не престана со полнење на администрацијата и тоа се докажа низ целото нивно работење. За 3 недели почнува пржинскиот период, со што тогаш де факто ќе сме влезени во избори. Потоа започнува обновата и ќе ги преиспитаме сите вработувања”, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите партии до сега тврдеа дека администрацијата е пренатрупана и предлагаа различни модели за нејзино реформирање, што требаше да резултираат со намалување на бројот на административци, кој во моментов изнесува околу 130.000.