Македонија
16. May 2021 - 19:49

26 Конгрес на СДСМ: Заев најавува промени во партијата и во управувањето со државата

Нова подмладена кадровска понуда, силна борба со корупцијата, охрабрување на различното мислење и поттикнување и мотивација на граѓаните ќе бидат главните столбови на новата политичка акција на СДСМ која лидерот Заев ја најави на отворањето на 26 конгрес на партијата.

Во својот говор, партискиот лидер направи рекапитулација на последните 4 години од преземањето на власта до денеска. Потенцираше дека наследиле нестабилна држава раскарана со соседите која според него имала опустошена економија. Рече дека СДСМ ја вратиле демократијата во Македонија и дека за тоа добиле поддршка од граѓаните што се покажало на сите изборни циклуси од преземањето на власта до денеска
Рече дека од изолирана држава Македонија станала членка на НАТО и добила одлука за почеток на преговорите со Европската Унија. Слично како и во Брисел, Заев и на Бихаќка потенцираше дека Македонија нема намера да преговара за својот идентитет, додавајќи дека договорите со Бугарија и Грција се јасен доказ дека Македонија сака добрососедски односи

Премиерот рече дека немал мирно море откако дошол на власт. Додаде дека Пандемијата предизвика силни последици врз економијата и здравјето на граѓаните но констатираше дека неговата Влада успешно се справила со неа и дека како што рече, држеле лекции по економија.

Во својот воведен говор лидерот на СДСМ не штедеше критики за опозицијата. Рече дека неговата партија се уште се бори против режимот и дека поради тоа, се кочи напредокот во државата. На крајот Заев сепак констатираше дека неговата партија ја добила оваа битка.

На денешниот конгрес СДСМ бира 120 членови на новиот централен одбор кој подоцна ќе го избере Извршниот одбор на партијата, потпретседателите и останатите раководни тела. На денешниот Конгрес право на глас имаат 809 делегати а присутни се 703. Поради пандемијата Конгресот се одржува онлајн.