Македонија
8. February 2023 - 16:34

170 здравствени работници се пријавиле за помош во Турција

Директорите на Клиниката за пластична хирургија и на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза се меѓу 170-те здравствени работници од Македонија кои се пријавиле на повикот на министерот за да помогнат на населението во Турција во справувањето со последиците од катастрофалните земјотреси. Хирургот Софија Пејкова и интернистот Сеад Зејнел без дбоумење се понудиле доколку има потреба од лекари од нивните специјалности веднаш да заминат во настраданите подрачја.

-Нашата професија не познава вера и јазик. Нашата хипократова заклетва е таа што ни кажува дека треба да помогнеме на луѓето кога им е најтешко. И она што е најосновно и што им го порачувам на моите студенти, на моите колеги секогаш да се ставаме на страната на луѓето кои имаат мака. Навистина Турција сега се наоѓа во една многу тешка состојба, изјави доц. д-р Софија Пејкова, хирург и директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

-Јас потекнувам од градот на солидарноста Скопје и многу добро знаеме што значи да ни се понуди помош од мсветот. Република Туркије секогаш била тука да ни понуди рака помош и сметам дека треба да се понудам и веднаш да ја понудам мојата помош кога на Р. Туркије тоа најмногу и е потребно во моментот, изјави д-р Сеад Зејнел, специјалист интернист и директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.

Списокот на здравствени работници кои се подготвени да заминат и да помогнат на повредените од земјотресите ќе биде доставен до ЦУК, кој  во комуникација со турските Власти преку НАТО треба да известат каков медицински кадар може да биде испратен од Македонија. Дури тогаш ќе се знае кога пријавените доброволци ќе заминат во јужна Турција.

- Воено ги ставивме во понуда и двете комбиња кои се специјализирани за интензивна нега кои ги добивме како донација за Педијатриската клиника. И тие две комбиња кои се специјализирани и комплетирани со два тима – доктор, возач и медицинска сестра, се спремни да заминат до погодени места“,, изјави министерот за здравство Беким Сали.

Министерот информираше дека се обезбедени и лекови и крвни продукти кои доколку има потреба веднаш ќе бидат испратени во Турција.