Бизнис
21. јуни 2021 - 16:56

100 милиони евра од ЕИБ за кредитна поддршка на 300 компании

Со 100 милиони евра Европската Инвестициска банка ќе ги поддржи малите и средни претпријатија да ја подобрат ликвидноста пост ковид пандемијата. Условите се поволни, дел од каматата ќе ја субвенционира Владата и нема да надмине 1,6% а максималната сума која можат да ја добијат достигнува до 3 милиони евра. За кредит ќе можат да аплицираат преку деловните банки за 2 до 3 недели. Се очекува да се поддржат околу 300 фирми.

-Максималниот износ за кредит за основни средства, за инвестиции изнесува до 3 милиони евра, со отплата на 12 години и 2 години грејс период,  додека максималниот износ за обртни средства, за подобрување на ликвиднста изнесува  666.000 евра, каде рокот на отплата е 3 години и 6 месеци грејс период, изјави Кире Наумов, директор на Развојна банка.

 Со вбризгување свежи пари во стопанството ќе се зголеми стабилноста на банкарскиот сектор, а ќе се отвори можност и за нови инвестиции и нови вработувања.

-Овие средства ќе одговорат на ликвидносните потреби на фирмите за обртни средства, но и ќе поттикнат долгорочни инвестиции во Република Северна Македонија, во контекст на економско заздравување и иден раст. Оваа линија е дел од иницијативата Тим Европа и финансискиот пакет на ЕИБ за поддршка за опоравување на земјите од Западен Балкан од КОВИД-19. изјави Лилјана Павлова, потпрестедател ан ЕИБ. 

До сега, од Европската Инвестициска банка пласирани се вкупно 450 милиони евра. Со нив се поддржани над 2.000 проекти и отворени се над 8.000 работни места.